Адеми ја отвори душата: Многу ме погодија одредени навреди на лична основа во јавноста…

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми и неговите соиграчи од Динамо Загреб сериозно беа нападнати од хрватската јавност изминатиов период по несогласувањето со начинот на кој клубот планира да ги намали нивните плати поради пандемијата на коронавирусот.

Но, како епидемијата се смирува, Адеми отворено открива се што се случувало во Динамо изминативе два месеци. Открива и за својата разочараност, и за болките кои ги доживеал…

„Најголемиот проблем беше што сето тоа што го планира клубот ние го дознававме од медиумите. А, имаше многу спорни моменти околи сите тие мерки. Еден е тоа што мерките клубот планираше да траат цела година, а во тој момент ние не знавме што ќе биде за една недела или еден месец. Најголемиот проблем за играчите беше исплатата на договорните рати, кои требаше да бидат исплатени уште пред појавувањето на кризата а се доцнеше со нив. Знаете дека секој фудбалер има различен договор со клубот, а Динамо сам одлучи да ги скрати платите на шест месеци под исти услови за сите и бараше веднаш одговор: да или не! Ништо друго. Не остави простор ни за разговор, ни за договор. Ние не рековме ‘не’ на мерките, туку на таквиот модел и начин на однесување“ – вели Адеми во разговор за „Спортске новости“ и дополнува:

„Бевме збунети затоа што знаеме дека клубот финансиски добро стои, а навредени со таквото итро објавување на мерките во јавност пред да бидеме информирани. Се разочарав од недостатокот на заедништво во клубот. Тоа многу ме погоди. А не фрлија нас фудбалерите пред јавноста на волеј. Требаше работите да се решаваат внатре во четири ѕида, како семејство. А не да не оговора цело соседство, или во нашиот случај цела Хрватска“.

На крај, сепак, дојде до договор а Адеми е еден од најзаслужните за смирување на ситуацијата.

„Трпеливо чекавме да дојде можност за разговор која ја добивме дури по четири дена откако клубот ги објави мерките во јавност. Не викнаа во клубот и разговаравме. А, сето тоа можеше да се случи и пред да бидне целата претстава во јавност. После тие разговори веднаш се договоривме за се, само за неколку денови. Тоа значи дека можело да дојде до договор и без непотребниот циркус“.

Македонскиот фудбалер го понесе најголемиот товар на тие преговори затоа што поголемиот дел од одлуките на релација соблекувална-раководство одеше преку неговиот грб. Адеми е разочаран и од односот на некои хрватски медиуми кои го прозиваа на лична основа притоа потенцирајќи му дека Динамо застана зад него при проблемите со позитивниот допинг-тест.

„Не треба да повторувам дека на клубот сум неизмерно благодарен за се. Не треба да кажам дека во неколку наврати и јавно му се заблагодарив за себе. Одбив и сериозна понуда од една најдобрите Топ 5 лиги во светот затоа што Динамо изрази желба да останам. А сите знаете дека Лига 5 беше мој сон. Јас се откажав од тој сон само поради Динамо. Одбив и многу други понуди финансиски тројно повисоки од оние во Динамо, играв со срце и душа за клубот и повреден. Секогаш верен до крај, играв за клубот, за навивачите… Затоа многу ме погодија одредени прозивки во јавноста“ – вели Адеми.

Се вчитува...