Адеми: Летонија? Нормално, победа!

ЕКИПА во Летонија,

Никола Ѓуровски

Повреда го мачеше Аријан Адеми, беше неизвесен за мечот со Израел, но благодарејќи на максималните напори на медицинскиот тим ги надмина болките и заигра во првиот состав. Ја покажа својата класа, постигна израмнувачки погодок со глава и беше еден од носителите на играта во средниот ред. По ремито со Израел (1-1) сега фудбалерот од средниот ред очекува победа за Македонија на следниот дуел со Летонците.

„Црвено-жолтите“ в понеделник во Рига ќе го играат шестиот квалификациски меч од циклусот за ЕП 2020 и три бода се прекупотребни за приклучување кон водечките селекции во групата.

„Жалиме што испуштивме победа против Израел. Тие дополнителни два бода многу ќе ни значеа. Но, немавме среќа и концентрација во финишот за да го зададеме решавачкиот удар. Сепак, тоа е зад нас, сега сме фокусирани на Летонија. Одиме на победа, нормално. Треба да го покажеме нашиот квалитет“, вели стрелецот на голот против Израел.

Фудбалската репрезентација на Македонија синоќа допатува во Рига, а попладне ќе го одржи и првиот тренинг во пресрет на новиот предизвик во квалификациите. Летонците синоќа доживеаја вистински дебакл на гостувањето во Австрија и загубија со 6-0.

Се вчитува...