Адеми: Не се чувствувам како победник, поминав низ голгота

Македонскиот фудбалски репрезентативец Аријан Адеми проговори јавно по одлуката на ЦАС за намалување на неговата суспензија од четири на две години. Неговата голгота ќе заврши на 7 октомври, кога фудбалерот на Динамо Загреб ќе добие повторно можност да игра професионален фудбал. Во 2015 година беше суспендиран откако по мечот меѓу Динамо Загреб и Арсенал во Лигата на шампионите беше позитивен на допинг – тест, и во неговиот организам беше пронајден „Станозолол“.

„Не се чувствувам како победник, никој не може да ми ги врати овие две години. Поминав низ вистинска животна голгота. Добив четири години забрана да го работам тоа што најдобро го знам, да играм фудбал, и се прашував што ќе правам во животот. Беше хаварија, но некако издржав. Не знам како таа супстанца дојде во моето тело, тоа ми беше најтешко да го сфатам. Казната требаше да ми биде укината, но ќе истече на 7.октомври. Во соопштението од ЦАС стои една реченица која ми дава верба, а вели: ‘Адеми не е виновен, не е измамник’. Ќе се вратам уште посилен, психички по ова секако ќе бидам многу појак. Тренирам, играм падел, мал фудбал, се трудам да останам во форма. Мислам дека овие два месеци ќе ми бидат доволни за да се вратам и физички. Морам да се заблагодарам на Динамо Загреб, луѓето кои веруваа во мене во овој тежок период, а можеа и да ми го раскинат договорот. Но, ме поддржаа и тоа само покажува колку голем клуб е Динамо Загреб“, изјави Аријан Адеми во своето прво обраќање во јавноста по одлуката на ЦАС за намалување на суспензијата од четири на две години.

Се вчитува...