Адеми неизвесен за мечот со Норвешка: Повреда на последниот тренинг на Динамо

Македонскиот репрезентативец Аријан Адеми не настапи поради повреда на вчерашниот натпревар за Динамо Загреб во хрватскиот шампионат во кој „модрите“ славеа со 0-1 на гостувањето против Славен во Копривница.

Адеми, како што информираат од Динамо Загреб, се повредил на последниот тренинг пред дуелот, па сега е неизвесен и за пријателскиот натпревар на Македонија кој на 11. ноември (18:30 часот) го играме на националната арена „Филип Втори“ во Скопје.

„Адеми имаше болки во скочниот зглоб, поради што предвреме го напушти тренингот. Замина од тренингот со солзи во очите, ете како пример како живее овој тим на Динамо и колку за секого многу значи секој натпревар“ – истакна тренерот на Динамо, Марио Цвитановиќ по синоќешниот дуел со Славен Белупо.

Засега останува непознат карактерот на повредата и тежината. Според најавите можно е Адеми да се појави на собирот во Скопје, по што ќе биде одлучено дали ќе може воопшто да се стави на располагање на селекторот Ангеловски.

Собирот на репрезентацијата за пресметката со Норвешка е закажан за утре од 12 часот во хотелот „Гранд Плаза“ во Скопје.

Се вчитува...