Адеми, Седлоски и Несторовски меѓу најдобрите странци во историјата на хрватскиот фудбал

Актуелниот македонски репрезентативец и капитенот на Динамо Загреб, Аријан Адеми, поранешниот капитен на националниот тим и член на Хајдук Сплит и на Динамо Загреб, Гоце Седлоски, како и Илија Несторовски кој го носеше дресот на Интер Запрешиќ, а сега член на Удинезе, се избрани меѓу најдобрите странци во историјата на првенството на Хрватска.

Според анкетата на хрватски „Индекс“ и тројцата се дел од изборот на најдобри странци во историјата на ХНЛ. Од првите натпревари во 1992 година, па до денеска, низ првенството на Хрватска поминале играчи од дури 84 странски земји, меѓу нив Македонија со дури 55 фудбалери.

Аријан Адеми е најтрофејниот странец во историјата на ХНЛ, иако Хрватите се прашуваат дали воопшто е странец бидејќи е роден во Шибеник, но се одлучи да настапува за македонската репрезентација. Адеми има 10 шампионски титули, шест Купа и три Суперкупа во Хрватска, иако беше суспендиран на две години поради допинг.

Изреката „Дојдов, видов, победив“ Хрватите го поврзуваат со Илија Несторовски со модификација дека Несторовски во Хрватска реализирал „дојдов, ја одиграв сезоната, станав најдобар стрелец и се продадов во Италија“. Мина три сезони во Интер Запрешиќ, притоа беше и првиот играч со 25 гола во сезоната на ХНЛ по Едуардо да Силва, кој постави рекорд од 34 гола, девет години претходно.

Македонскиот стопер Гоце Седлоски пристигна во Хајдук Сплит летото 1996 година и одигра одлична сезона пред трансферот во англискиот клуб Шефилд Венсдеј, но го шокираше сплитскиот тим со враќањето во Хрватска само половина година подоцна, кога го засили најголемиот хрватски ривал.

Во Динамо помина седум години и освои три шампионски титули, три Купа и два Суперкупа. Во ХНЛ одигра вкупно 182 натпревари и постигна 24 гола.

Се вчитува...