Адеми во битка за ЛШ против клубот што го бараше летово

Динамо Загреб ќе му гостува на Ференцварош во следната квалификациска рунда за Лигата на Шампионите, уште еден тежок предизвик за првакот на Хрватска кој со многу среќа во минатото коло го елиминираше Клуж дури по изведување на пенали. Ова ќе биде меч од посебно значење и за Аријан Адеми, со оглед на фактот дека токму Ференцварош беше клубот што летово покажуваше најсериозен интерес за негов ангажман, но македонскиот репрезентативец сепак реши да остане во Динамо.

За потсетување, Ференцварош во минатото коло на гостински терен го елиминираше шкотскиот гигант Селтик, потврдувајќи дека овој тим бележи значаен раст во формата во однос на претходните години и со право атакува на место во групната фаза од ЛШ.

Српскиот шампион Црвена Звезда за противник во следното коло ќе го има тимот на Омонија, меч што ќе се игра на Кипар. Митјиланд ќе биде домаќин на Јанг Бојс, Карабах по елиминацијата на Силекс ќе игра уште еден домашен меч, овојпат против Молде, додека Макаби Тел Авив во последниот извлечен дуел од „групата на шампиони“ ќе биде домаќин на Динамо Брест.

Интересни ќе бидат и пресметките од „групата на нешампиони“, каде беа извлечени три двојки, ПАОК ќе ја пречека Бенфика, АЗ Алкмар ќе му гостува на Динамо Киев, додека Гент ќе ја има улогата на домаќин против Рапид Виена.

Се вчитува...