Ракометарите на АЕК од Атина доаѓаат во Скопје со желба за пресврт и освојување титула на реванш-натпреварот од финалето во ЕХФ Европскиот куп против македонскиот тим Алкалоид, што ќе се одигра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 20:30 часот.
По поразот од 25-29 на домашен терен во Атина, тренерот на АЕК, Французинот Фредерик Бужан, во изјава за грчкиот спортски портал „Еноси“ истакна дека неговите избраници не патуваат во Скопје како жртви, туку со силна верба и амбиција да испишат своја историја.
„Не одиме како жртви. Одиме да испишеме наша историја и да имаме помалку чувства на каење отколку во првото финале. Една седмица е доволна за да се направи промена, или да се обидеш да напишеш едно ново сценарио! Ќе се погледнеме во очи и ќе ја искористиме нашата шанса до крај“ – изјави Бужан, нагласувајќи дека целиот тим работел напорно за да се прикаже во поинакво светло на реваншот во Скопје.
Грчкиот клуб, според порталот, ја анализирал играта од првиот натпревар со фокус на грешките во одбраната и нападот, и се подготвува да ја искористи секоја шанса за пресврт.
„Четири гола во никој случај не се голема препрека. АЕК ќе мора да ја покаже својата добра натпреварувачка страна и да одигра совршена игра. Веруваме дека можеме да го постигнеме тоа“ – порачуваат од грчкиот тим.
Првиот меч во Атина го следеа рекордни 7.800 гледачи, што е најголема посетеност на еден ракометен натпревар во историјата на грчкиот спорт.
Но, полна сала и силна поддршка од македонските навивачи ќе има утре и Алкалоид, кој со предност од четири гола, ќе се обиде да го одбрани водството и да ја завери титулата во Европскиот куп, носејќи прв голем трофеј за македонскиот клупски ракомет по долги години.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА