Аеродром ќе гори: МЗТ брка финале за влез во АБА1

МЗТ Скопје по тирумфот над Сутјеска во четвртфиналето од разигрувањето во АБА2 лигата, денеска од 21 часот во СЦ „Јане Сандански“ силите ќе си ги одмери со Широки Бријег, натпревар кој ќе биде последен чекор за аеродромци кон големото финале.

„Металците“ под водство на Александар Петровиќ оваа сезона веќе еднаш се сретнаа со тимот од Босна и Херцеговина и забележаа „комотна“ победа, но Широки Бријег воопшто не е наивен тим и „сино-белите“ повторно ќе треба да бидат на врвот на својата задача доколку сакаат да се најдат меѓу двата најдобри тимови во првенството.

Широки Бријег е добро балансиран тим во нападот со искусни играчи кои можат да одговорат во играта во рекетот, но и надвор од него. Тоа добро го осети Ловќен во регуларниот дел од сезоната кога дозволи отворени обиди на три поени, а „коцкестите“ возвратија со 19 погодени обиди зад линијата 6,75.

МЗТ Скопје добро го затвори овој сегмент од играта во меѓусебниот натпревар на последниот балон на првенството, го лимитираше и најопасното „оружје“ на противникот, Лука Божиќ, а истиот рецепт за победа треба да функционира и денеска.

Во однос на четвртфиналето аеродромци денеска ќе мораат и да одговорат подобро во нападот каде не смеат да си дозволат пад во играта како оној против Сутјеска, но и да бидат концентирани во одбраната во сите 40. минути. Предност на „штрковите“ на оваа завршница е домашната публика, а дали на крилја на „Фемили Аеродром“ скопскиот состав може до уште едно големо финале во АБА2 останува да видиме.

Се вчитува...