Аеродром се буди, МЗТ игра за камбек во АБА1 (ФОТО)

МЗТ Скопје денеска од 18 часот против Сутјеска го започнува походот кон „елитата“ на регионалната кошарка. Во разигрувањето за титула во АБА2 лигата кое ќе се одржи во СЦ „Јане Сандански“, аеродромци ќе ја имаат поддршката од својот „шестти играч“, навивачите кои се мобилизираат за враќање на својот клуб на „големата сцена“.

Во Аеродром одекнаа написи со најава на големата завршница, а во трговскиот центар „Бисер“ од каде пред нецели 13 години започна маршот за спас на МЗТ, беа поставени и транспаренти со што „Фемили Аеродром“ потсетија на годините кога населбата живееше за „сино-белите“.

Завршницата на АБА2 првенството се поклопува и со 30 годишнината на формирањето за „Сервис Кру“ и 25 годишницата од формирањето на „Фемили Аеродром“, па се очекува спектакл.

СЦ „Јане Сандански“ беше вистинска тврдина за МЗТ Скопје во АБА2 првенството во годините кога натпреварувањето се играше во форматот дома-гости. Аеродромци во сезоната 2018/19 имаа само еден пораз, додека во сезоната 2019/20 само два од вкупно 19 одиграни натпревари. Дали „сино-белите“ ќе останат непоразени и по завршницата на првенството останува да видиме.

Се вчитува...