Аеродром слави: МЗТ Скопје повторно е шампион на Македонија

По една година пауза, кошаркарската титула се врати назад во Аеродром откако МЗТ Скопје со иста мера му се реваншираше на Работнички, па со „метла“ и максимални 3-0 го совлада вечниот ривал во финалната серија. „Металците“ ја искористија првата шанса за титула, вечерва славеа со 85-78 во СЦ „Јане Сандански“, за прослава на новиот трофеј во клупските витрини.

Работнички во првите две минути погоди три тројки, но МЗТ експресно одговори и предводен од Дамјан Стојановски го презеде водството. Медфорд набрзина направи две лични грешки, во игра влезе Магдевски, а токму репрезентативниот плејмејкер придонесе домаќините уште во првата четвртина да стигнат до двоцифрено водство (26-16). Работнички со серија од осум поени опасно се приближи, но Магдевски со тројка стави точка на четвртината, за водство на МЗТ од 29-24.

И кога се очекуваше „сино-белите“ да продолжат да доминираат, втората четвртина донесе сосема поинаква слика на теренот. Во нападот на Работнички профункционира буквално се, најпрвин погодуваше Крстевски, потоа три тројки во низа реализираше Јанески, а во рекетот доминираше искусниот Чековски. Ова донесе не само пресврт, туку и двоцифрено водство на „центарци“ (44-54), а по поените на Медфорд на одмор да се замине со резултат 46-54.

Второто полувреме донесе далеку подобро издание во одбраната на „сино-белите“. Агресивната дефанзива целосно ги исфрли од ритам избраниците на Докузовски, па со поените на Медфорд домашниот тим си ја врати и предноста (59-58). Третата четвртина заврши со резултат 68-63, а отпорот на Работнички беше скршен кон средината на последниот период, кога Медфорд погоди тројка за водство од 79-70. Докузовски зеде тајмаут, но Иванов веќе во следниот напад донесе двоцирена предност од 82-72. Работнички со преполовен ростер немаше никакви шанси да се врати, па МЗТ апсолутно заслужено стигна до триумф со конечни 85-78, за седма титула на аеродромци во последните осум сезони од мак-баскетот.

Иве Иванов со 23 поени и 7 скокови беше клучен играч во овој триумф на МЗТ Скопје, Медфорд реализираше 16, Дамјан Стојановски 12, а Магдевски 11 поени за новиот првак на Македонија. Во таборот на Работнички најефикасни беа Чековскки и Костов со по 17 поени.

Се вчитува...