Аеродромска доминација: МЗТ убедлив, Работнички е во криза

Неколку години наназад една меѓусебна пресметка меѓу МЗТ Скопје и Работнички не била толку неинтересна на резултатски план како денешнито дуел на вечните ривали, во кој аеродромци на домашен терен го декласираа актуелниот првак со убедливи 85-63. „Металците“ одиграа максимално мотивирано и заслужено убедливо триумфираа против непрепознатливиот гостински состав, кој го нанижа третиот пораз во низа, нешто што подолго време му се нема случено на тимот преводен од Марин Докузовски.

Работнички парираше само пет минути, а последното водство го имаше на 10-12, пред Вудард да погоди тројка за „сино-белите“. Американецот нешто подоцна ја доби и втората лична грешка и беше заменет со Соколов, но македонскиот репрезентативец одлично ја искористи минутажата. Како што одминуваше времето, така и предноста на МЗТ се зголемуваше, првата четвртина заврши со 26-17, а Дамјан Стојановски со тројка во 12. минута ја донесе првата двоцифрена позитива за аеродромци (29-17). Караџовски погоди две тројки за Работнички пред крајот на полувремето, па на одмор се замина со 48-36, но тоа беше се што гостите успеаја да сторат.

Второто полувреме мина во апсолутна доминација на домашниот тим, кој уште повеќе ја зголемуваше разликата во своја полза. Проблемите на Докузовски уште повеќе се зголемија пред крајот на третата четвртина, откако единствениот класичен центар во екипата, Бојан Крстевски, заработи незгодна повреда на скочниот зглоб. Предноста на МЗТ се зголемуваше, па Кочов во последните минути им даде шанса и на младите Мамузиќ, Митев и Стојановски. За мизеријата на Работнички да е комплетна, на две минути до крајот повреда заработи и Стајиќ, по што овој дерби дуел заврши со неочекувано убедлива победа на МЗТ Скопје од 85-63.

Центрите на МЗТ Скопје имаа одличен ефект, Иванов реализираше 26 поени и 10 скокови, Самарџиски оствари дабл-дабл од 18 поени и 16 скокови, а Медфорд беше стрелец на 15 поени за победничкиот тим. Костов со 18 и Караџовски со 15 поени беа единствените двајца со двоцифрен ефект во таборот на Работнички.

Се вчитува...