Аеродромска фурија: МЗТ Скопје го збриша Широки Бријег

МЗТ Скопје со феноменална партија го декласираше Широки Бријег со убедливи 78-91, за своја деветта победа во АБА2 лигата и победничко деби на тренерот Александар Петровиќ во регионалното натпреварување. Триумфот е апсолутно заслужен ако се земе во предвид доминацијата на аеродромци во голем дел од натпреварот, и тоа против екипата што е домаќин на овој турнир, последен од регуларниот дел од сезоната.

МЗТ Скопје подобро го отвори натпреварот, почетните минути минаа во доминација на македонскиот првак, кој набрзина поведе со 12-20. Сепак, ситуацијата на теренот се промени по тајмаутот на домашниот тренер, во наредните три минути Широки направи фантастична серија од 14-0, по што Милошевиќ пред самиот крај на четвртината од линијата за слободни фрлања ги постави конечните 26-22 по десет минути игра. Аеродромци беа подобар ривал и на почетокот од вториот период, во кој блесна Дамјан Стојановски со осум поени во низа, па при водство на македонскиот тим од 32-39 тренерот на Широки Бријег повторно беше принуден на тајмаут. Одбраната на домашниот состав повторно беше далеку подобра по тајмаутот, но овојпат и МЗТ одговори со цврста игра во дефанзива, па македонскиот шампион на одмор замина со предност од 38-42.

МЗТ Скопје преку Војдан Стојановски направи серија од 5-0 на самиот почеток од третата четвртина (38-47), рутински го контролираше резултатот, па со одличното положување на Кари за првпат стигна и до двоцифрено водство на натпреварот (46-56). Серијата продолжи и по тајмаутот на домаќините, МЗТ стигна и до најубедливи „плус петнаесет“ (46-61), a Петровиќ беше принуден на тајмаут откако Широки бријег пред крајот на четвртината врза пет поени и намали на 57-67. Американецот Кари имаше две почетнички загубени грешки во следните две акции, но за среќа Дамјан Стојановски се снајде одлично, украде топка и изнуди намерна лична грешка од Билиновац, па МЗТ Скопје влезе во последната четвртина со удобно водство од 59-71, откако Дамјан по двете слободни фрлања погоди и шут од далечина со звукот на сирената.

Четвртата четвртина почна со чуден судиски критериум, по досудената намерна лична грешка на Дејвис, потоа и недосудениот очигледен прекршок над Американецот на МЗТ. Сепак, „металците“ покажаа карактер, заиграа фанатично во одбраната, па повторно ја кренаа предноста на „плус 15“. Овојпат домашните кошаркари немаа сили за камбек, па македонскиот состав знаеше како да ја задржи убедливата предност, претворајќи ја во конечна победа од 78-91.

Дамјан Стојановски беше одличен со 17 поени и три украдени топки, Милошевиќ оствари дабл-дабл од 14 поени и 13 скокови, додека Војдан Стојановски го заврши мечот со 12 поени и 7 асистенции.

МЗТ Скопје со овој триумф има скор од девет победи и два порази по првите 11 кола и практично обезбеди место во Топ 3 во пресрет на фајналејт турнирот што ќе се одигра кон средината на месец април во Скопје. Доколку „металците“ слават на преостанатите две средби во Широки, против Златибор и против Борац Бања Лука, со тоа ќе ја обезбедат првата позиција во пресрет на доигрувањето.

Се вчитува...