Аеродромска фурија во Хрватска: МЗТ Скопје го збриша Пелистер во АБА2 лигата

МЗТ Скопје го декласираше Пелистер со убедливи 80-64 во македонската пресметка во АБА2-лигата, дуел што се играше како дел од „балонот“ во Осијек во рамките од четвртото коло од регионалното натпреварување. „Пелистерци“ одиграа само една добра четвртина, онаа првата, по што МЗТ ја демонстрираше својата надмоќ, со цврста одбрана ги затвори приодите кон сопствениот кош, функционираше и скок-играта,по што актуелниот македонски првак апсолутно заслужено стигна до победата.

Дуелот почна со подобра игра на битолчани, кои по неколкуте украдени топки и лесни реализации први успеаја посериозно да се одлепат. МЗТ за момент се разбуди со поените со удари од далечина на Американецот Дејвис, но Бојан Трајковски со поените со звукот на сирената ја заврши првата четвртина со предност на Пелистер од 26-28. „Зелено-белите“ на стартот од вториот период имаа водство од 29-18 по поените на Трајковски, но „пелистерци“ потоа речиси седум минути беа без реализиран напад. МЗТ заигра далеку подобро во одбраната, но во овој период можеа да се проследат и голем број на почетнички грешки на кошаркарите на Пелистер, што аеродромци го искористија за да го преземат водството и контролата над играта и резултатот.

Долгиот пост без поени за битолчани го прекина Кесар со тројка погодена со „табла-кош“, но МЗТ веќе беше во ритам, од далечина погодуваа центрите Милошевиќ и Дејвис, „металците“ имаа и мирна рака од линијата за слободни фрлања, па на одмор заминаа со убедлива предност од 51-38. Јасно беше дека „сино-белите“ нема да можат да продолжат со беспрекорна реализација во нападот во продолжението, но Пелистер не успеа да ги казни промашувањата на „металците“. Ова им овозможи на аеродромци да ја задржат удобната предност, битолчани само за момент се спуштија „под минус десет“, за по поените на Рикиќ и на Милошевиќ третата четвртина да заврши со водство на МЗТ од 64-52.

Отпорот на Пелистер беше скршен на почетокот од четвртиот период, Пелистер во првите три минути постигна само два поени, а МЗТ поведе со најубедливи „плус седумнаесет“ (71-54). Битолчани потпишаа капитулација продолжувајќи со промашувањата, па Американецот Вер со погодена тројка и слободно фрлање по личната грешка на Стајиќ ја искачи предноста на МЗТ Скопје на „плус дваесет“ (76-56). Остатокот од мечот беше рутина за избраниците на Дарко Радуловиќ, кои на крајот триумфираа со конечни 80-64.

Милошевиќ со 30 поени беше најефикасен во овој убедлив триумф на МЗТ Скопје, Вер постигна 13, а Крстевски 12 поени за победничкиот тим. Пелистер причината за убедливиот пораз може да ја бара во очајниот шут за тројка (4/26), како и во немоќта во борбата под обрачите (30 скока наспроти 42 на МЗТ). Први стрелци на „пелистерци“ при денешниот неуспех беа Кесар и Малешевиќ со по 15 постигнати поени).

Македонските екипи своите средби од четвртото коло од АБА2 лигата во Осијек ќе ги играат в петок, Пелистер во 15 часот за ривал ќе го има српскиот претставник Војводина, додека МЗТ Скопје во 18 часот ќе ги одмери силите со домаќинот на овој „балон“, тимот на Осијек.

Се вчитува...