Аеродромска шлаканица: Ваков срам Работнички не памети

МЗТ Скопје го декласираше Работнички со преубедливи 68-93 во првото овосезонско вечно дерби од кошаркарскиот шампионат. Финалистите од последните две сезони и годинава важат за главни кандидати за трофејот, но Работнички со играта покажана денеска само потврди дека се наоѓа во огромна криза. По ФМП и Еуроникел, „центарци“ денеска беа декласирани и од големиот ривал од Аеродром, добивајќи шлаканица што сигурно уште долго ќе ја паметат. Димитар Мираковски целосно ја загуби тактичката битка со Ѓорѓи Кочов, МЗТ доминираше на теренот, а конечниот исход е сосема реална слика за она што се случуваше во 40-те минути игра во „Градски Парк“.

МЗТ Скопје од самиот почеток наметна силно темпо и набрзина поведе со убедливи 4-12, но Работнички благодарение на прецизните обиди од далечина на Мијатовиќ успеа да се врати, па почетната четвртина заврши со резултат 17-18. А потоа почна „хоророт“ за „центарци“, домашните кошаркари почнаа во рака да им ги даваат топките на противниците, правеа неспортски лични грешки, а тим како МЗТ знаеше како да го искористи тоа. Актуелниот првак го доби вториот период со двојно повеќе поени од противникот (15-30) и на одмор замина со убедливи 16 поени предност.

Ако се очекуваше обид за враќање на Работнички, избраниците на Кочов во третата четвртина ги дотолчија надежите на домаќинот, го потопија вицешампионот и стигнаа до најубедливи 29 поени предност (50-79). Последните десет минути беа само рутина, тренерите повлекоа дел од главните играчи, а МЗТ Скопје на крајот заслужено славеше со убедливи 25 поени разлика.

Хиндс со 22 поени беше прв стрелец на МЗТ, Херис постигна 18, а одличен меч одигра и Андреј Маслинко, реализирајќи 13 поени и седум скокови. Лесколт со 25 и Мијатовиќ со 13 поени беа единствените расположени за игра во таборот на „центарци“.

Се вчитува...