Иднината на Серхио Агуеро во Манчестер сити воопшто не е доведена во прашање и аргентинскиот ас ќе го предводи нападот на „граѓаните“ и во следната натпреварувачка сезона. Ова е децидниот став на претседателот на Сити, Калдон Ал Мубарак, по бројните шпекулации во изминатите месеци дека Агуеро би можел да си замине од таборот на англискиот гигант. Ваквите информации се појавија откако Гвардиола на неколку средби го седна на клупата Агуеро, давајќи му предност на Габриел Хесус, но според првиот човек на клубот иднината на Агуеро останува во Манчестер сити.
„Ние потпишавме договор со Агуеро со важност до 2020 година и со апсолутна сигурност можам да кажам дека тој ќе биде наш член и во следниот период. Имаше многу шпекулации, но тоа е смешно, ние никогаш не сме се сомневале во Серхио, кој е еден од најдобрите фудбалери во светот. Наша цел е да се бориме за трофеите за сите натпреварувања во кои учествуваме, а за остварување на тие желби неопходни ни се играчи од калиброт на Агуеро. Тој мора да остане дел од Манчестер сити и нема никакви дилеми на оваа тема“ – изјави Ал Мубарак.
Агуеро и сезонава беше прв стрелец на Манчестер сити, постигнувајќи вкупно 33 гола во сите натпреварувања, но „граѓаните“ сепак останаа без ниту еден освоен трофеј. Останувањето на Аргентинецот речиси сигурно значи и откажување од трката по Обамејанг, со оглед на одличната форма што по трансферот од Бразил ја покажа Габриел Хесус.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА