Академија Пандев подготвува супер-трансфер: Дарко Тасевски меѓу „пандевци“!

Поранешниот македонски репрезентативец Дарко Тасевски би можел да биде најзвучното засилување за Академија Пандев во зимскиот преоден рок доколку успешно финишираат наредниве денови разговорите меѓу двете страни за идна меѓусебна соработка. Како што дознава ЕКИПА, Тасевски има отворена понуда за преселба во редовите на „пандевци“ каде и би ја завршил својата играчка кариера.

Според нашите информации, желбата на струмичани е Тасевски сериозно да го засили средниот ред на тимот, по што по одлуката за „пензионирање од терените“ потоа и со можност за останување во раководните структури во клубот. 34-годишниот Тасевски од 2014 година игра во Тајланд каде за пет години промени пет клуба. Претходно, во својата богата играчка кариера настапуваше и за Вардар, украински Металург Запорожје, бугарски Левски и израелскиот првологаш Ирони Кирјат Шмона. За македонската репрезентација има одиграно 43 натпревари и постигнато два погодоци.

Дарко Тасевски има понуда и за завршување на кариерата во Левски Софија каде остави силна трага во периодот од 2007 до 2012 година, но сепак македонската опција во моментов е поприфатлива за него.

Интересно, понуда има и од вториот струмички прволигаш Беласица која наредниве денови се очекува да го промовира поранешниот македонски селектор Ѓоко Хаџиевски како свој спортски менаџер. Хаџиевски и Тасевски соработуваа во Вардар во 2003 година кога „црвено-црните“ стигнаа до шампионската титула.

Се вчитува...