Академија Пандев загуби од Монтана на „генералката“ пред настапите во ЛЕ

Фудбалерите на Академија Пандев со пораз на последниот тест натпревар ќе ги очекуваат своите дебитантски настапи во квалификациите за Лигата на Европа.

На „генералката“ пред мечевите со босанскиот Зрињски во ЛЕ, „пандевци“ на теренот на сопствената фудбалска академија во Струмица загубија од бугарскиот второлигаш Монтана со 2-3 (1-1).

Бугарите до предност дошле уште во 2. минута со голот на Тасев, но во 37. минута македонскиот состав израмни со голот на Дориев. Во второто полувреме Бугарите повторно повеле во 50. минута, за да „пандевци“ израмнат во 74. минута со голот на Марио Крстовски. Сепак, со голот на Пиеров во 90. минута Монтана стигна до конечниот триумф.

Првиот натпревар од 1. квалификациско коло за Лига Европа против Зрињски, Академија Пандев го игра на 11. јули на националната арена „Тодор Проески“ во Скопје од 19 часот. Реваншот е на 18. јули во Мостар.

Се вчитува...