Алонсо во Рено, Рикјардо влегува во Мерцедес?

Од Фернандо Алонсо зависи како ќе се одвива трансфер-рулетот во Формула 1. Ако Шпанецот премине од Мекларен во Рено, што е едно од можните сценарија по најавите дека  британскиот тим  ќе го намалува буџетот, тогаш тоа може да повлече и други ротации во Ф1.

Алонсо во Мекларен сега заработува 40 милиони евра по сезона. Доколку британскиот тим реши да го намалува расходите, тогаш можно е и Алонсо да го ослободат од обврските за следната сезона.

Според шпанските медиуми, Алонсо може да премине во тимот на Рено, а неговото место во Мекларен да го пополни Валтери Ботас. Финецот речиси сигурно на крајот од сезоната нема да остане во Мерцедес бидејќи германскиот тим сака да привлече поголема ѕвезда во тандем со Луис Хамилтон. Во Мерцедес сакаат да им биде загарантирано првото и второто место во конкуренција на возачи како што беше кога со Хамилтон возеше Нико Розберг.

Една од варијантите во оваа трансфер шема е нов тимски колега на Хамилтон да му биде Даниел Рикјардо. Неговиот договор со Ред Бул истекува годинава, а Австралиецот има желба да вози шампионски болид со кој ќе може да се бори за титулата во Ф1.

„Ако победиме во првите неколку трки со Ред Бул и ако ми понудат нов договор, може и да потпишам. Но, сакам да  направам правилен избор за остатокот од мојата кариера. Немам желба само да се „мотам“ во Ф1 и да бидам задоволен само со учество во трките“ – вели Даниел Рикјардо.

Се вчитува...