Ако не се доигра Првата лига, коефициентот на УЕФА вели – Шкендија во ЛШ, Вардар, Работнички и Шкупи во ЛЕ

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) им порача на земјите членки дека ќе мораат да ја заокружат тековната сезона до 3. август или во спротивно клубовите кои ќе настапуваат во европските купови ќе бидат одредени според клупскиот рејтинг што го имаат во УЕФА. На таков начин, Шкендија која се уште е актуелен првак од минатата сезона најмногу би профитирала и повторно би учествувала во квалификациите за Лигата на шампионите. Шкендија се наоѓа на 150.место на ранкингот на УЕФА со коефициент (7.250) и е најдоброрангирана од македонските клубови. Се работи за коефициент одреден според резултатите постигнати во последните пет години на европската сцена.

Ова секако би било неправедно за Вардар, кој има огромна бодовна предност на табелата во моментно суспендираниот шампионат на Првата фудбалска лига на Македонија. Вардарци би учествувале во квалификациите на Лигата на Европа, заедно со Работнички, кој е во долниот дел од табелата во моментот, и со Шкупи.

Вардар има УЕФА клупски рејтинг (5.000) и се наоѓа на 227.место на листата, на 311.позиција е Работнички со коефициент (3.250), а Шкупи е рангиран како 344. клуб со коефициент (2.000).

Сепак, напомената на УЕФА е фудбалските федерации да се заложат максимално за да бидат завршени започнатите национални првенства за да не мора да посегне по вакви ’мерки’ кои секако нема да бидат многу популарни и во рамките на фер-плејот, со она што е постигнато на резултатски план во тековната натпреварувачка сезона.

 

Се вчитува...