Ако сакаш да бидеш шампион, земи го Артуро Видал

Артуро Видал се наоѓа во неверојатна серија од осум освоени шампионски титули во последните осум натпреварувачки сезони, низа што асот на Барселона почна уште од времето додека настапуваше за Јувентус. По скудетата со „старата дама“ тој се пресели во Баерн и таму доминираше во Бундес-лигата, а откако пристигна во Барселона, каталонскиот гигант е „недопирлив“ за ривалите во Ла Лига.

Сите освоени досегашни трофеи се само мотив повеќе за Видал да остане максимално фокусиран за фантастичната серија да продолжи. Барселона има два бода предност пред Реал Мадрид во трката за титулата во Ла Лига, а Чилеанецот е решен да стори се што е во негова моќ за да помогне каталонскиот гигант да се одржи на врвот на шпанскиот фудбал.

„Сон ми е да стигнам до деветтата титула во серија, знам колку е тешко тоа да се оствари, но токму затоа и мотивацијата е на највисоко ниво. Пред нас се уште 11 натпревари, секој од нив е како финале за нас и верувам дека на крајот ќе се радуваме на трофејот. Реал Мадрид е блиску зад нас, но ние сме подготвени за оваа борба, а потоа и за атакот на Лигата на Шампионите“, изјави Видал.

Со ваков став, јасно е зошто Антонио Конте инсистира токму Видал да биде едно од клучните засилувања на Интер за наредната сезона.

Се вчитува...