Езгијан Алиоски минатото лето се пресели од Лидс во Ал Ахли, како дел од проектот со кој оваа екипа требаше да ја нападне титулата во Саудиска Арабија. Десетина месеци подоцна, ситуацијата е дијаметрално спротивна од очекувањата, Ал Ахли се наоѓа пред испаѓање, додека Алиоски сериозно размислува за заминување од клубот и враќање во европскиот фудбал.
Тимот на Ал Ахли денеска го играше клучниот дуел за опстанок во елитното друштво, на домашен терен против Ал Раед. Екипата на Алиоски имаше еден бод предност во однос на Ал Раед во пресрет на овој меч, но по денешниот пораз од 1-3 и останатите резултати со кои ривалите го скокнаа Ал Ахли, тимот на Македонецот падна на претпоследното место на табелата, на само едно коло до крајот. Алиоски беше асистент при единствениот гол за Ал Ахли што го постигна Едуардо во 95. минута, премалку за да се спречи нов пораз.
Со оглед на очајната форма, шансите за спас се минимални, ако се знае дека во последното коло ќе му гостува на Ал Шабаб, тим што моментно се наоѓа на четвртото место на табелата.
Доколку Ал Ахли испадне од првата лига, тоа ќе значи и дефинитивно заминување на Алиоски. Турскиот првак Трабзон е клубот кој веќе преговара за ангажман на македонскиот репрезентативец, а се очекува разговорите да се интензивираат за десетина дена, по завршувањето на сезоната во Саудиска Арабија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА