Ал Келаифи доаѓа во Русија по Кристијано Роналдо

ПСЖ куртули од казна од УЕФА за нарушување на финансискиот фер-плеј, „светците“ ќе продадат играчи во висина од 60 милиони евра до крајот на месецов, а потоа ќе тргнат во нова офанзива за врвни засилувања. А на чело на листата со желби на францускиот гигант се наоѓа Кристијано Роналдо, кого „светците“ ќе се обидат да го донесат на „Паркот на принцовите“ за создавање на најмоќното напаѓачко трио на сите времиња, крај Нејмар и Мбапе.

Француските медиуми најавуваат дека првиот човек на ПСЖ, Насер ал Келаифи, денеска ќе пристигне во Русија и во следните десетина дена ќе следи во живо неколку натпревари од мундијалот. Неслучајно, прв ќе биде оној во Сочи меѓу Португалија и Шпанија, по кој би можело да дојде и до кратка средба меѓу него и Кристијано.

Португалецот се уште е незадоволен во Реал, Флорентино Перез му стави до знаење дека нема да му ја израмни платата со онаа што Лионел Меси ја заработи, па Роналдо сериозно ги разгледува опциите за продолжување на кариерата. ПСЖ дефинитивно е една од нив, бидејќи му овозможува на големиот ас не само поголема финансиска добивка, туку и можност да продолжи со жетвата на трофеи.

Се вчитува...