Аларм: Коронавирус во „балонот“ во Талин

Репрезентациите од нашата група се подготвуваат за почетокот од квалификацискиот турнир закажан за сабота, но во меѓувреме дел од селекциите се соочија со неочекувани проблеми бидејќи се појавија позитивни случаи на коронавирус во нивните редови.

Секоја репрезентација беше тестирана при самото пристигнување во Талин, македонските и естонските кошаркари се со сите негативни тестови, но истото не може да се каже и за италијанскиот и за рускиот национален тим, информираат медиумите од овие земји.

Италијанците, кои синоќа последни пристигнаа во „балонот“ веднаш имале еден позитивен случај на Covid-19. Поради ова сите кошаркари моментно се изолирани еден од друг, се до повторното тестирање што ќе им биде извршено во естонскиот главен град. Италија ќе биде наш прв ривал на овој турнир, а идентитетот на заразениот кошаркар барем засега не се обелоденува во јавноста.

Во рускиот табор има најмалку еден позитивен играч, се шпекулира и за втор позитивен случај во таборот на „зборнаја“, со што дополнително се компликуваат проблемите за рускиот селектор пред саботниот меч со Естонија.

Останува само да се надеваме дека македонските кошаркари ќе останат негативни до крајот на „балонот“, со оглед на фактот дека нашиот стручен штаб веќе имаше доволно проблеми со откажувања во пресрет на првиот собир.

Се вчитува...