Аларм во Реал Мадрид: Ајон паузира четири месеци, купен џин од 220 сантиметри

Проблемите на Пабло Ласо околу кошаркарскиот тим на Реал Мадрид уште повеќе се зголемија откако денеска беше утврдено дека повредата на Густаво Ајон е од сериозен карактер, па мексиканскиот центар го очекува повеќемесечна пауза од терените. Тој го повреди рамото за време на дуелот со Тенерифе, а деталните прегледи покажаа сериозен проблем, по што беше препорачана пауза од четири месеци.

Во ситуација кога „кралевите“ веќе останаа без Кузмиќ до крајот на сезонава, а сега им се заканува и долго неиграње на Ајон, јасно е зошто Ласо инсистира што поскоро да му биде доведен нов центар, со оглед на фактот дека и Томпкинс и Рендолф исто така минаа извесен период надвор од терените.

Како што јавуваат шпанските медиуми, Флорентино Перез експресно реагирал купувајќи го Валтер Тавареш, 220 сантиметри високиот „џин“ од Капе Верде кој како тинејџер настапуваше за Гран Канарија, а потоа имаше кратка авантура и во НБА-лигата, во дресот на Атланта хоукс.

Се вчитува...