Алба Берлин од денеска има нов тренер откако управата на берлинскиот евролигаш реши да му врачи отказ на Израел Гонзалез поради слабите резултати на тимот оваа сезона. Тимот од Берлин е убедливо последен во Евролигата со скор 4-24, но Гонзалез плати и за катастрофалните изданија во германскиот шампионат каде Алба има скор од под 50% (10 победи и 11 порази) и моментно се наоѓа на десеттото место на табелата.
На местото на Гонзалез пристигнува нов Шпанец, Педро Калјес, кој од почетокот на годинава беше дел од стручниот штаб на Алба, а денеска ја доби функцијата на прв тренер.
Станува збор за млад стратег кој сезонава ја почна во Олденбург каде доби отказ во ноември, а претходно во германскиот шампионат ги има водено и екипите на Вехта и Хамбург.
„Алба е голем клуб со богата традиција, водењето на оваа екипа во Евролигата е нов предизвик што со нетрпение го очекувам. Знам дека мораме експресно да се подобриме како тим, да си ја зголемиме самодовербата и стабилноста, да победиме на што повеќе натпревари. Убеден сум дека со заедничка работа и фокус можеме да го оствариме тоа“, изјави Калјес.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА