Алба скокаше, Црвена звезда само гледаше и загуби во Берлин

Црвена Звезда загуби на гостувањето против Алба во Берлин (74-70), неуспех кој може многу скапо да ги чини „црвено-белите“ во борбата за осмото место кое води во четвртфиналето од Евролигата.

Шампионот на АБА-лигата играше егал-меч до последните две-три минути, кога пресуди беспрекорниот скок на домаќините. Имено, кошаркарите на Алба и по промашувањата лесно ја освојуваа топката, враќајќи ја низ обрачот, на тој начин трасирајќи си го патот до победата. Давидовац за момент ја врати Црвена Звезда со тројка во последната минута, но Сикма од линијата за слободни фрлања стави печат на триумфот на Алба.

Германскиот тим имаше десет освоени топки повеќе под обрачот (36-26), најефикасен кај Алба беше Ло со 22 поени, додека прв стрелец на Црвена Звезда беше Волтерс со 18 поени.

Монако славеше со 78-68 на домашен терен над Басконија, пораз со кој шпанскиот тим дефинитивно ги загуби шансите за пласман во четвртфиналето. Томас со 16 и Бејкон со 14 поени беа најефикасни меѓу „кнезовите“, додека Питерс со 15 поени беше најдобар стрелец во таборот на Басконија.

Олимпијакос триумфираше на гостувањето против Асвел (80-94), трета победа за „црвено-белите“ од Атина во последните четири меча, со што оваа екипа останува во игра за највисок пласман во пресрет на четвртфиналето. Дорси повторно беше незапирлив, погоди шест тројки за вкупно 21 поен, додека Везенков учествуваше со дабл-дабл (18 поени и 10 скокови) во новиот триумф на Олимпијакос.

Се вчитува...