Јувентус успеа да слави на куп-финалето со Аталанта и да стигне до трофеј оваа сезона, како одговор на се погласните критики што „црно-белите“ од Торино ги добиваа поради слабите игри и резултати во последните месеци.
Сепак, на синоќешното финале Јувентус знаеше како да стигне до трофејот, рано поведе преку Влаховиќ и потоа ја сочува предноста до самиот крај. Тренерот Масимилијано Алегри беше максимално емотивен, доби црвен картон во второто полувреме од финалето, а потоа на работ на солзи го почна говорот на прес-конференцијата.
„Можам само да им се заблагодарам на фудбалерите што ни го донесоа овој пехар, на мене како тренер и на целиот клуб. Прилично сум среќен што бев дел од големи клубови низ годините, се уште сум дел од голем клуб и тоа ме прави задоволен. Вечерва треба да славиме бидејќи победивме во финале во кое не важевме за фаворити. Честитки до Аталанта за начинот на кој одигра вечерва и искрено му посакувам многу среќа на овој тим во претстојното финале од Лигата на Европа“, изјави Алегри.
Следеше прашање за тоа што според Алегри е најголемото наследство што тој ќе го остави во Јувентус.
„Зарем веќе ме отпуштивте“, со насмевка прокоментира тренерот, па продолжи: Да кажеме дека има одлична база на фудбалери. Кога се вратив, во првите две години претседателот Андреа Ањели бараше да направам целосна реорганизација, да составиме тим што ќе биде конкурентен и ќе освојува трофеи. Среќен сум што успеавме да стигнеме до пехар“.
Италијанските медиуми тврдат дека Алегри дефинитивно ќе добие отказ на крајот од сезонава, а на негово место ќе пристигне актуелниот тренер на Болоња, Тијаго Мота.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА