Алегри си замина, Дибала се премисли: Останувам во Јувентус!

Пауло Дибала не криеше дека е незадоволен во Јувентус, аргентинскиот ас беше поврзуван со Интер, Баерн Минхен и Манчестер Јунајтед, но ситуацијата се промени откако Масимилијано Алегри обелодени дека ќе си замине на крајот од сезонава. Дибала сега тврди дека е среќен во Јувентус, демантирајќи ги дури и неодамнените изјави на неговиот брат, кој најавуваше трансфер на Аргентинецот.

„Брат ми го кажуваше сопственото мислење, а управата на клубот го знае мојот став – останувам во Јувентус за да продолжам да освојувам трофеи со оваа екипа. Алегри е единствениот тренер со кој сум работел во Јуве, па не би можел да го споредувам со никого. Не знам кој ќе биде негов наследник, но не се сомневам дека ќе биде врвен стратег со кој ќе атакуваме на пехари во сите можни натпреварувања“ – истакнува Дибала.

Воедно, Арргентинецот ги отфрли гласините дека сака да си замине затоа што не може да функционира на теренот крај Кристијано Роналдо.

„Вистината е дека јас уживам играјќи со Кристијано. Ја имам можноста да играм со двајцата најдобри фудбалери на денешницата, со Роналдо во клубот и со Меси во репрезентацијата“ – прокоментира Пауло Дибала.

Се вчитува...