Алегри во Арсенал – прво скудето, па преговори

Масимилијано Алегри повторно влегува во трката за нов менаџер на Арсенал, откако и самиот стратег и раководството на Јувентус отворија можност за предвремен прекин на соработката и давање на зелено светло за трофејниот тренер да се пресели во Премиер-лигата.

„Утре играме во финалето од Купот на Италија со Милан, а потоа ни претстојат последните две кола во сезоната. Целта ми е да го освојам скудетото, а потоа ќе разговараме за други работи“ – изјави Алегри, кој во претходните три сезони освојуваше двојна круна во Италија, а два пати стигнуваше и до финалето во Лигата на шампионите.

Директорот на Јувентус, Џузепе Марота, ги повтори зборовите на тренерот, посочувајќи дека ќе има време за преговори по завршувањето на сезонава.

„Примарна цел ни е скудетото, кое се уште не е математички осигурано. Секако дека сакаме двојна круна, да ја продолжиме доминацијата и во Купот на Италија што трае веќе три години. Со Алегри секогаш сме имале коректен однос, се уште е така, имаме време за разговори кога ќе ги оствариме зацртаните цели“ – истакна Марота за италијанските медиуми.

Во Арсенал дефинитивно не брзаат со конечната одлука околу името на наследникот на Арсен Венгер, најавувајќи дека цел на управата е договорот да биде потпишан пред стартот на СП во Русија (14 јуни). Со тоа се остава доволно време за Алегри најпрвин да ги договори условите за заминување од Јувентус, а потоа и да седне на маса и да се договори со „топчиите“.

Се вчитува...