Александар Јовиќ, главен фаворит за нов тренер на Пелистер!

Еурофарм Пелистер во текот на вчерашниот ден ја официјализираше разделбата со Жељко Бабиќ на крајот од оваа сезона, а веќе е почната потрагата по наследникот на хрватскиот стратег на кормилото на битолскиот клуб. Иако како опции беа наведувани и неколку странски стручњаци, во моментов најблиску до клупата на првиот тим на „пелистерци“ се наоѓа Александар Јовиќ.

Станува збор за стратег што маестрално го водеше вториот тим на Еурофарм Пелистер сезонава, успевајќи да забележи и една победа над Вардар, „услуга“ што првата екипа на битолчани не успеа да ја искористи за да стигне до титулата. Паралелно со пласманот во плејофот и завршниот куп-турнир, Јовиќ овозможи огромен развој на младите и талентирани ракометари, од кои неколку во изминатите 12 месеци и дебитираа за сениорската репрезентација на Македонија.

Во ситуација кога дел од нив летово ќе бидат прекомандувани во првата екипа, јасно е зошто размислувањето на управата се движи и во правец на „унапредување“ на Јовиќ, од вториот во првиот тим на Еурофарм Пелистер.

Поранешниот тренер на Металург пред себе ќе има сериозен предизвик, да состави екипа со која ќе атакува на трофеи и тоа по „целосен ремонт“ во играчкиот кадар со оглед на веќе најавеното заминување на сите клучни ракометари од оваа натпреварувачка сезона.

Се вчитува...