Алексис Санчез „од втора мајка“ доби виза за САД

Алексис Санчез ќе се приклучи на подготовките на Манчестер јунајтед во САД откако од втор обид чилеанскиот ас конечно доби виза за да може да отпатува од другата страна на Атлантикот.

„Црвените ѓаволи“ веќе се наоѓаат во САД каде почнаа со тренинзи во пресрет на серијата подготвителни средби, а Алексис не отпатува со нив откако му беше одбиено барањето за виза, поради пресудата за затајување данок на шпанскиот суд против него.

Жозе Мурињо потврди дека Санчез ќе мора да тренира сам додека остатокот од тимот е во САД, но денеска стигна добра вест, втората апликација на чилеанскиот фудбалер е прифатена и тој ќе може да му се приклучи на остатокот од тимот.

„Последен тренинг во Манчестер. Наскоро САД“ – напиша Алексис на својот инстаграм профил, потврдувајќи ја добрата вест за „црвените ѓаволи“.

Тој сигурно ќе го пропушти првиот меч на Јунајтед, што „ѓаволите“ утре ќе го играат против Клуб Америка, но се очекува да се најде во екипата за неделниот дуел со Сан Хозе.

Се вчитува...