Алексис Санчез поднесе барање за трансфер!

На лошите вести за Арсенал како да им нема крај, „топчиите“ по двата порази на стартот од сезоната денеска го продадоа и Окслејд Чембрлен на ривалот Челси, а капак на се беше потегот на Алексис Санчез, кој вечерва официјално поднесе барање за трансфер.

Чилеанецот не криеше дека е незадоволен и во текот на летото, со задоцнување се приклучи на подготовките, потоа и не настапи на првите две средби од сезоната, а по камбекот против Ливерпул делуваше крајно разочарано. Арсен Венгер досега во неколку наврати децидно повторуваше дека Алексис нема да биде продаден, но барањето за трансфер може да ја промени целокупната ситуација.

Имено, за разлика од Кутињо и одбиеното барање од Ливерпул, Санчез има само уште една сезона од актуелниот договор со Арсенал, така што „топчиите“ би чувале незадоволен играч, кој потоа следното лето би си заминал без никаква отштета, ризик за кој лондонскиот клуб ќе мора час поскоро да донесе одлука.

Чилеанецот е дециден и за својата следна дестинација – инсистирајќи тоа да биде Манчестер сити откако претходно ги одби и Баерн Минхен и ПСЖ. „Граѓаните“ се подготвени да платат 60 милиони фунти за да го доведат во своите редови, но на потег е Арсен Венгер, кој е свесен дека заминувањето на Алексис ќе значи и уште поголемо намалување на шансите во борбата за висок пласман на табелата.

Се вчитува...