Алексис Санчез се договорил со Манчестер сити?

Чилеанскиот интернационалец Алексис Санчез договорил трансфер во редовите на Манчестер сити, што секако би одекнало неверојатно силно во Премиер – лигата на Англија. Најдобриот фудбалер на Арсенал е можеби и најголемата ѕвезда во овој летен преоден рок, со оглед дека има уште една година од договорот со „топчиите“, а за него се интересираат Баерн Минхен, ПСЖ, Јувентус и Манчестер сити. Медиумите во Чиле откриваат дека тој веќе ги договорил личните услови со „граѓаните“ и дека се очекува негов трансфер на „Етихад“.

Сепак, прашање е дали Арсен Венгер ќе се согласи на ваков трансфер. Ова е слична ситуација како и преминот на Робин ван Перси во Манчестер јунајтед. Познато е дека Арсенал не сака да ги продава фудбалерите на своите конкуренти во Премиер – лигата, но Санчез има добар план, да ги чека последните денови на летниот преоден рок, кога раководството на клубот едноставно ќе мора да попушти, затоа што следната сезона тој би си заминал како слободен агент.

Манчестер сити е подготвен да ги исполни сите желби на Алексис Санчез и да му даде неделна плата од 350.000 фунти. Арсенал не сака на тој начин да го пробие плафонот за плати, а тоа е и главната причина за Чилеанецот да сака да си замине од „Емирати“.

Се вчитува...