Алексовски верува во победа на Шкупи, „пандевци“ по триумф во Ѓорче Петров

Новиот стратег на Шкупи, Умит Каран имаше повеќе од доволно период, поради репрезентативната пауза, за дополнително запознавање со тимот пред продолжението од сезоната. Па, неизбежно чаирчани денеска од 14:30 часот против Силекс во 10. коло од ПМФЛ атакуваат на победа со која би ја најавиле можност за приклучок на врвот од табелата во елитното друштво.

„Навистина, минуваме низ тежок период со лоши резултати но мислам дека оваа пауза беше добредојдена за повеќе да се запознаеме со новиот тренер, да се подготвиме на физички план и да работиме околу тактичкиот дел. Дефинитивно Шкупи не заслужува да биде на последната позиција, но сигурен сум дека за кратко време тоа ќе се промени. Имаме прекрасен тим во кој силно верувам, имаме квалитет за европски излез оваа сезона и мислам дека е време да го докажеме тоа“ – вели голманот на Шкупи, Игор Алексовски и дополнува:

„Дуелите со Силекс секогаш се тешки, бидејќи се работи за цврст, компактен тим. Но, мислам дека сега ќе победиме и со поддршка од навивачите на кои мора да се заблагодарам. Тие, и покрај послабите резултати што ги покажавме, не поддржуваат на секој натпревар“.

За натпреварот против Силекс, тренерот Умит Каран нема да може да смета на Басилио Ндонг, а неизвесен за настап поради мала повреда е и Виктор Ангелов.

Фудбалерите на Академија Пандев, пак, денеска гостуваат на Македонија ЃП во Ѓорче Петров. Повеќе од тешко гостување ги очекува „пандевци“ против тимот кој игра одлично на почетокот од сезоната. „Лавовите“, посебно пред своите навивачи, се тешко совладливи па струмичани ќе мора добро да се намачат доколку ги посакуваат трите бода.

ПРВА ЛИГА – 10. КОЛО (денеска, 14:30 ч.)

Скопје: ВАРДАР – ШКЕНДИЈА

Струмица: БЕЛАСИЦА – ПОБЕДА

Тетово: РЕНОВА – РАБОТНИЧКИ

Скопје: ШКУПИ – СИЛЕКС

Скопје: МАКЕДОНИЈА ЃП – АК. ПАНДЕВ

Standings provided by Sofascore LiveScore

Се вчитува...