Алими: Верувам во Шкендија, можеме да го минеме Тракаи

Фудбалерите на Шкендија напорно работат на отстранување на грешките од првиот меч со Тракаи, се со цел истите да не се повторат на реваншот во Струмица на кој македонскиот вицепрвак ќе брка негатива од 1-2. Свесни за одличните партии на домашен терен во претходните две рунди, тетовци очекуваат уште еден беспрекорен меч на стадионот „Младост“, за втора година по ред Шкендија да стигне до четвртото квалификациско коло за Лигата на Европа.

Продолжуваме со европските натпревари в четврток против Тракаи и дефинитивно не сакаме тој меч да ни е последен, желба ни е да продолжиме со настапите во Лигата на Европа. Имаме активен резултат со постигнатиот гол во Литванија, но во секој случај ќе бркаме резултат поради минималниот пораз. Нема да биде лесно бидејќи противникот сигурно добро ќе се брани, но јас искрено верувам во Шкендија, дека ако играме на нашето ниво, ќе стигнеме до посакуваниот резултат и пласманот во следната рунда“ – изјави играчот за врска Арменд Алими.

Тренерот Ќатип Османи се соочува со сериозни проблеми во пресрет на реваншот со оглед на отсуството на повредениот Вујчиќ, како и суспензиите на Жуниор и на Цуцули, кои поцрвенеа на првиот меч во Литванија.

Се вчитува...