Алиоски: Ако можевме во Скопје, можеме да се надигруваме и во Торино

ЕКИПА во Торино, Италија

Никола Ѓуровски

Македонската фудбалска репрезентација допатува во Торино, каде в петок ќе го одигра претпоследниот натпревар во квалификацискиот циклус за СП 2018 во Русија. Пред селекторот Игор Ангеловски и фудбалерите стои исправен четирикратниот светски првак Италија, но и селекција која едвај извлече триумф во Скопје, со голот на Чиро Имобиле во судиското продолжение од натпреварот.

Новата аквизиција на Лидс јунајтед, Езгјан Алиоски, вели дека Македонија е подготвена за надигрување против италијанските фудбалски ѕвезди.

“Знаеме која е Италија, но знаеме и дека дојдовме овде во Торино да се надигруваме со оваа селекција. Во Скопје извлекоа победа пред самиот крај, а тоа значи дека Македонија има квалитет за да се надигрува и со посилните. На последното гостување во Израел победивме, имавме многу шанси и против Албанија. Сакаме позитивен резултат и против Италија, иако тоа нема да биде лесно да се оствари”, вели Езгјан Алиоски.

Тој ќе игра на позицијата лев бек, со оглед дека Кире Ристевски има три жолти картони. Но, во минатото играше и на таа позиција во националниот тим.

“Најдобро се чувствувам кога играм на десната страна во офанзивна улога, таму можам да дадам најмногу, да создадеме повеќе шанси. Но, селекторот ја одредува стратегијата, а во формацијата 3-5-2 можам да бидам офанзивен и од оваа позиција на левата страна. Мое е да го дадам најдоброто од себе за репрезентацијата”, дополнува Алиоски.

Се вчитува...