По долги години Македонија од престојнава сезона повторно ќе има свој претставник во англиската Премиерлига. Езгијан Алиоски со Лидс се враќаат во елитното друштво на Островот што, без сомнение, претставува и момент плус во кариерата на еден од најдобрите македонски фудбалери.
Но, за популарниот Џани вистински сон во кариерата е пласманот на Европското првенство. И престојните два натпревари од Ц лигата во УЕФА Лигата на нации против Ерменија и против Грузија, се само еден вид сериозно загревање за бараж-пресметката против Косово која не очекува во октомври оваа година.
„Ете повторно сме тука на патот каде застанавме минатата година пред пандемијата. Но, да бидам искрен наша единствена цел за оваа година ќе биде пласманот на Европското првенство. Ако не се пласираме на ЕП ништо не сме направиле, се ќе падне во вода“ – вели Алиоски приклучувајќи се на денешниот прв репрезентативен тренинг.
„Секако, апсолутно ни е важен и почетокот на новата Лига на нации. Па желбата е да победиме сега во септември и на двата натпревари против Ерменија во Скопје и против Грузија на гостински терен“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА