Алиоски фоторепортер, Адеми поштеден, Елмас и Николов малку полесно од другите (ФОТОГАЛЕРИЈА)

ЕКИПА во Варшава,

Владимир Булатовиќ

Насмеани лица по триумфот над Словенија, но и малку „стегнати заби“ поради постуденото време овде во Варшава. Во пријатна атмосфера помина првиот тренинг на фудбалскиот национален тим по пристигнувањето во Варшава. Апетитите сега се уште поголеми, зошто да не се изненади и лидерот во групата. Во Скопје и не беа толку подобри и некако среќно ги освоија трите бода. Зошто да не „украдеме“ ние нешто овде во Варшава?!

Езгјан Алиоски истрча најмногу на синоќешниот меч со Словенците и денеска доби заслужен одмор. Во еден момент ја смени левата бековска позиција со фоторепортерска улога, и мора да се признае и дека добро се снаоѓа. Аријан Адеми беше поштеден од тренингот поради отокот на стапалото, спомен од дуелот со Словенците, но лекарскиот тим уверува дека сепак ќе биде подготвен за настап в недела.

Елиф Елмас даде два гола, а Бобан Николов изјави дека би бил и голман ако треба за Македонија, па и тие добија малку олеснети задачи на ионака релаксирачкиот тренинг по пристигувањето во Полска. Се разбира, и новинарските извештаи сега се вклопуваат во пријатната атмосфера која се чувствува на секој чекор по значајниот триумф против „дежелата“.

Овој тренинг беше одржан на стадионот „Полонија“, а утре Македонија ќе тренира на Националниот стадион во Варшава, каде в недела е закажан и квалификацискиот меч против Полјаците.

 

Се вчитува...