Алиоски: Имам две желби за 2020 година, по една за Лидс и за репрезентацијата

Езгијан Алиоски и сезонава е меѓу најдобрите фудбалери на Лидс, помагајќи му на својот тим да си го оствари големиот сон – враќање во Премиер-лигата. Левиот бек повторно е еден од главните адути на Марсело Биелса, не криејќи го задоволството што може да работи со врвниот аргентински стратег.

„Сега сум подобра личност, подобар човек и тактички подобар фудбалер благодарение на Биелса. Не само јас, сите сме пресреќни што можеме да работиме со него и да напредуваме во кариерите. Од мене направи лев бек и мислам дека тоа е вистински потег бидејќи имам енергија за да трчам напред-назад, да му помагам на тимот како во нападот, така и во одбраната“ – вели Алиоски.

Македонскиот репрезентативец има две желби во пресрет на новата година.

„Во 2020 година сакам да ми се случат две работи, со Лидс да влезам во Премиер-лигата и со Македонија да обезбедам пласман на Европското Првенство“ – открива левиот бек.

Тој во интервјуто за британските медиуми откри и кој му е фудбалски идол на позицијата на која сега настапува.

„Мои идоли отсекогаш биле Марсело и Роберто Карлос. Кога го гледаш Марсело како игра, учиш се што може да се научи за играње лев бек“ – истакнува Алиоски.

 

Се вчитува...