Алиоски може да се пакува – Лидс носи нов лев бек од Барселона

Езгијан Алиоски сепак нема да потпише нов договор со Лидс јунајтед откако англискиот премиерлигаш се откажа од намерата да го задржи македонскиот репрезентативец и вниманието го насочи кон Жуниор Фирпо, кој во следните 48 часа би требал да ја има и својата официјална промоција на „Иланд Роуд“.

Станува збор за 24-годишен фудбалер кој пред две години беше донесен од Бетис во Барселона како наследник на Жорди Алба на позицијата лев бек. Сепак, тој не се снајде најдобро во дресот на каталонскиот гигант, па во услови на голема финансиска криза Барса реши да го продаде летово. Преговорите со Милан беа прекинати бидејќи „росонерите“ се интересираа само за позајмица, а Лидс влета со понуда од 12 милиони фунти, што треба да биде сосема доволно за Лапорта да даде зелено светло и Фирпо да се пресели во Англија.

Договорот на Алиоски со Лидс истекува на крајот од месецов, а преговорите за негово продолжување не вродија со плод. Македонскиот интернационалец како слободен играч ќе ја избере следната дестинација во кариерата, а досега интерес за неговите услуги покажаа неколку клубови од врвни лиги ширум Европа.

Се вчитува...