Како ќе изгледа СП 2030, на три континенти и во шест земји!

Светското првенство 2030, на кое ќе се слави 100-годишнината од мундијалите, ќе се одржи од 8 јуни до 21 јули 2030 година, со главни домаќини Шпанија, Португалија и Мароко.

А, токму поради јубилејот 100 години од првиот Мундијал, воведните три натпревари ќе се играат во Јужна Америка, во Аргентина, Уругвај и Парагвај, на „Монументал“ во Буенос Аирес, „Сентенарио“ во Монтевидео и „Мануел Фереира“ во Асунсион, при што јубилејниот меч ќе биде одигран во Уругвај, земјата домаќин на првото светско првенство. Потоа турнирот ќе продолжи во Европа и Африка.

Според форматот, на СП 2030 ќе учествуваат 48 репрезентации, во 12 групи, а ќе се одиграат вкупно 104 натпревари. Во нокаут фазата ќе се пласираат првите две селекции од секоја група, како и осумте најдобри третопласирани.

Но, ФИФА разгледува можност бројот на учесници дополнително да се зголеми на 64.

Најголем дел од натпреварите ќе се играат во Шпанија, која предложи 12 стадиони, меѓу кои „Сантијаго Бернабеу“, „Камп Ноу“, „Метрополитано“ и „Сан Мамес“. Португалија кандидираше три стадиони, а Мароко шест.

Најголем фаворит за домаќин на финалето е обновениот „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. Во конкуренција се и „Камп Ноу“ во Барселона, како и новиот „Хасан II“ во Мароко, кој е во изградба.

ФИФА веќе ги одреди и следниот домаќини за Светското првенство во 2034 година кое ќе се игра во Саудиска Арабија, додека Германија веќе најави интерес за организација на турнирот во 2038 година.

Се вчитува...