ПОГЛЕД ОД СТРАНА: Во фудбалот не постои „Да се биде или не“ – Постои само: „Мора да се биде!“

ПИШУВА: Драган Томовски

Уште една колумна на еден од најистакнатите домашни фудбалски аналитичари, кој пренесувајќи ги актуелните глобални но и домашни фудбалски текови, овој пат со анализа на актуелностите од Светското првенство 2026.

==============================================================

Англија-Аргентина од 1-0 до 1-2… Приказна која постојано се повторува!

Не помислувајте не знам, дека можеби станувам и малку досаден. Но,мотивиран сум да ја отсликам можеби најважната работа во фудбалот…. како, што почесто, да бидеш победник!

Денес, тоа е особено важно. И во спортот и во животот.

По победата на Аргентина над Англија, по пресврт од 0-1 до 2-1, ќе се појават безброј анализи. Ќе се зборува за тактиката, за измените, за повлекувањето на Англија, за храброста на Аргентина, за грешките на селекторот… Да…, и сето тоа е точно. Но, според мене, ниту една од тие причини сама по себе не е доволна да објасни што навистина се случи.

Кога ќе ја ‘прочешламе’ меморијата, ќе ни стане јасно, колку пати се случило. Случајно!!!!? Не.

Резултатот на ваквите натпревари, кога силите се релативно израмнети, најчесто е резултанта на психолошката состојба на играчите. А таа психолошка состојба може драматично да се промени за само неколку мига. Многу често, неповратно.

Во основа, секој тим има своја филозофија на игра. Таа треба да биде константа, без разлика на моменталниот резултат. Врз неа се надоврзува тактичката замисла на тренерот – како тој планира натпреварот да го доведе до посакуваниот исход.

Но, постои уште еден фактор, кој многу често е пресуден, а ретко се анализира доволно сериозно. Тоа е она што се случува во главите на играчите во текот на самиот натпревар. Како и колку може да се влијае врз овој процес!

Во моите анализи и искуство, кога меѓу себе играат два релативно рамноправни тима , во околу 90% од случаите, веднаш по постигнувањето водство, особено во второто полувреме, кај тимот што води речиси автоматски почнува да се создава една нова мисла: Како да го сочуваме резултатот?

Во истиот момент, кај тимот што губи се случува сосема спротивен психолошки процес. Неговата концентрација речиси автоматски се пренасочува кон едно единствено прашање: Како да постигнеме гол и да направиме пресврт?

Колку успешно ќе го направи тоа, секако зависи од квалитетот на играчите. Но, уште повеќе зависи од нивната способност во тие моменти да воспостават таква ментална состојба во која рациото ја победува емоцијата. Едните емоцијата да ја искористат за офанзива и агресија, а другите пак да се обидат, во таква ситуација, да останат со „ладна глава“.

Секако, токму тука, улогата на тренерот е огромна!

Во моментот кога играчите, преку неговото однесување, неговата нервоза или измените што ги прави, ќе го препознаат неговиот страв и неговата фрустрација, тоа незапирливо се пренесува врз целиот тим, индивидуалната несигурност станува колективна, а тимот повеќе не игра за да победи, туку почнува да игра за да не загуби. Тука, поразот веќе почнал. Според моите анализи и искуство, пак, околу 90% од таквите натпревари ги губи токму фрустрираниот тим, во овој случај Англија.

Однесувањето пак на противничкиот тренер (Аргентина), неговите измени насочени кон агресивност и офанзива, се уште еден „напад“ врз сетилата на играчите на тимот кој доживува фрустрација и почнува да се брани.

Секако дека на конечниот резултат влијаеа и тактичките решенија, и измените, а пред се квалитетот на Аргентина, надополнет со френетичната агресија и борба за секој дуел, секој сантиметар на просторот. Но, според мене, клучниот момент беше што англиските играчи, особено по измените, ја почувствуваа и ја препознаа фрустрацијата на својот селектор, а потоа таа стана фрустрација на целиот тим. Скоро е неверојатно, но вистина е, дека Англичаните покрај недостигот на ментална стабилност, беа исклучително инфериорни и во техничките елементи, како неопходност на воспоставување на посед, кој би требало да ја затапи острицата на нападот на противникот и истовремено да ја одмори сопствената одбрана.

Од друга страна победата на Аргентина започна во истиот момент кога психолошката предност целосно ја префрли на своја страна. Од тој момент, обратно пропорционално, кај Англија растеше стравот, а кај Аргентина самодовербата.

Веќе шест години ја фаворизирам филозофијата на Кјетил Кнутсен и Бодо/Глимт. По постигнато водство не смее да се смени начинот на размислување. Напротив. Тимот мора уште појасно да покаже дека и понатаму единствена цел му е следниот гол. Само така противникот останува под психолошки притисок, наместо ти да станеш негов заложник.

Веројатно помислувате: Лесно е да се каже.

Но, ете. Постојат и луѓе и тимови кои тоа го успеале. Зошто тогаш, тоа да не го можеш и ти!

Затоа, во фудбалот, историското „Да се биде или не“ никогаш не го прифаќам како дилема.

Постои само едно:
„Да се биде.“

И, колку повеќе веруваш, толку почесто ќе ти се случува!

Се вчитува...