Елмас: Мојот сон е да играм со Македонија на еден мундијал

Елиф Елмас е фудбалерот од кого многу се очекува во македонската репрезентација, асот со богата меѓународна кариера кој несомнено е еден од лидерите на нашиот национален тим.

Тој во опширно интервју за „Флеш Скор“ говореше на најразлични теми, вклучувајќи ги и амбициите поврзани со македонската репрезентација.

„Отсекогаш мој сон бил да заиграм на еден мундијал со Македонија. Настапив на првото младинско европско првенство, потоа и на ЕВРО 2021, но мундијалот е мојата врвна цел. Нормално, за да стигнеме до таму мораме да напредуваме од година во година. Нормално, најпрвин треба да сме фокусирани на ЕВРО 2028, а потоа и на мундијалот во 2030. Но, додека сум здрав и додека нозете ме држат, секогаш ќе давам се од себе во репрезентативниот дрес. И се надевам дека нема да ја завршам кариерата додека не се квалификувам на мундијал, макар тоа било на 40-годишна возраст“, вели Елмас.

Тој обелодени и зошто не успеал да се наметне во таборот на Лајпциг, клуб што плати богатство за да го доведе од Наполи, но не му даде вистинска шанса на македонскиот „дијамант“.

„Не знам дали ова некогаш сум го говорел, но јас бев голема желба на директорот Макс Еберл, не сум сигурен ни дали тренерот Росе воопшто ме сакаше, но Еберл беше убеден во моите квалитети и стори се за да ме доведе, два пати со уште еден член на управата доаѓаша во мојата куќа. Се договоривме, но проблемот настана што Еберл веднаш потоа замина во Баерн Минхен. Веднаш добив впеечаток дека новиот директор воопшто не ме сака, тоа се пренесе и врз тренерот и се случи тоа што се случи. Јас ја избрав Бундес-лигата бидејќи знаев дека сум доволно добар да играм и да оставам трага во Германија, но за жал не добив шанса за такво нешто“, прокоментира Елиф.

Елмас минатото лето повторно беше поврзуван со Фенербахче, клубот каде ја лансираше својата кариера по заминувањето од Работничкки.

„Фенербахче е клучен момент од мојата кариера, иако првата година беше многу тешка, но втората беше навистина неверојатна. Кога ќе се навратам, не можеше секој на така рана возраст да игра за Фенер, тука покрај мене беа Арда Ѓулер, Ферди Кардиоглу… Секогаш велам дека сакам еден ден да се вратам таму, но не знам кога и како. Точно е дека разговаравме неколку пати, но чувствувам дека не е вистински момент бидејќи се уште можамд а играм на највисоко ниво во топ-лигите во Европа“, вели Елиф Елмас за „Флеш скор“.

Се вчитува...