Германскиот Мелсунген со 28:26 ја совлада Висла Плоцк во натпреварот од петтото коло во ракометната Лига на шампионите и во пресрет на последното коло, внесе максимална неизвеност.
На едно коло до крајот во групата Б во која е и Вардар, сега три екипи имаат по шест бода, Висла, Мелсунген и Нант и во последното коло ќе падне одлуката кои два тима ќе ги продолжат настапите во елитното натпреварување.
Во последното коло, Вардар кој има два бода по пет кола, во СЦ „Јане Сандански“ ќе го пречека Мелсунген, а во другиот меч Висла пред своите гледачи ќе игра против Нант.
Вечерашниот дуел беше одлучен во финишот од натпреварот. Мелсунген со головите на Менсинг и на Гарсија поведе со 26:23 на седум минути до крајот. Фазекаш во 55-та минута намали на 26:24, но Мандиќ погоди за плус три за германскиот тим. Косоротов возврати за 27:25, а Стефансон во следниот напад погоди за недостижни 28:25. Во последниот напад Висла само го ублажи поразот.
Менсинг и Баленсиага со по шест постигнати голови беа најдобри кај Мелсунген, додека Фрише и Тор Стефансон дадоа по четири за Висла.
Неизвесен натпревар се одигра и во Унгарија каде Сегед и ГОГ одиграа 33:33 со што данскиот тим си го обезбеди најмалку второто место на табелата во групата Д со седум бода, додека Сегед ќе остане третопласиран со четири освоени бодови по пет кола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
