Алиоски не е на продажба: Ал Ахли одбива понуди од Европа за Македонецот

Езгијан Алиоски има неколку понуди за експресно да се врати назад во европскиот фудбал, но голема е веројатноста дека македонскиот репрезентативец и во иднина ќе продолжи да го носи дресот на Ал Ахли. Клубот од Саудиска Арабија е презадоволен од она што нашиот интернационалец го покажува на теренот и воопшто не размислува за разделба од него без оглед на фактот што дел од клубовите нудат и значајна сума како отштета за да го откупат договорот на Алиоски.

Саудиските медиуми јавуваат дека за управата на клубот Алиоски важи за најдобар трансфер во изминатиот преоден рок, без оглед на фактот дека резултатите на Ал Ахли се далеку од посакуваните. Клубот сепак најавува големи амбиции и за наредната сезона, за кога на Алиоски се гледа како на клучен играч за атакот на шампионскиот трофеј.

Езгијан Алиоски минатата сезона си замина како слободен играч од Лидс Јунајтед, по истекот на договорот со овој англиски премиерлигаш. За неговите услуги се интересираа клубови од Италија, Германија и од Турција, но Алиоски сепак се реши да ја прифати понудата од Саудиска Арабија, која беше супериорна од финансиски аспект во однос на сите останати.

Алиоски сезонава настапи на 23 средби за Ал Ахли, притоа постигнувајќи шест гола и шест асистенции.

Се вчитува...