Алкалоид рутински стигна до нова суперлигашка победа откако „сино-белите“ од Автокоманда славеа во скопската пресметка против Пролет, и тоа на гостински терен со резултат 20-29. Разликата во квалитет беше очигледна од самиот почеток, фаворитот се одлепи од стартните минути и потоа рутински го контролираше резултатот до самиот крај.
Одличната одбрана и брзоногите крила Костески и Тордарсон донесоа брзо водство од 0-5 по само пет минути игра од овој натпревар. Стоилевски го постигна првиот гол за Пролет, но следеше нова серија а Алкалоид и предност од убедливи 6-15 за избраниците на Кире Лазаров. На пауза се замина со водство на Алкалоид од 10-17 по голот што за домашните го постигна Марко Мишевски, потоа вториот дел мина во израмнета борба во која Алкалоид знаеше како да го приведе мечот до крај и да прокнижи нови бодови на суперлигашката табела.
Галевски бранеше одлично и имаше 15 одбрани во овој триумф на Алкалоид, во кој најефикасни беа Тордарсон и Костески со по седум погодоци. Солев имаше 11 одбраи на голот на Пролет, во чии редови прв стрелец беше Мишевски со пет погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

