Алкалоид немаше сила за изненадување против Вардар

Ракометниот шампион на Македонија, Вардар славеше на гостувањето кај РК Алкалоид со 22-30 во дербито на 11. коло во македонската Суперлига. За тимот на Алкалоид ова беше прв историски натпревар во спортската сала „Автокоманда“ која во иднина ќе биде домаќин на најмладиот ракометен проект во Македонија.

Откако четири минути се играше тврдо и со само еден гол на двете страни, по трите грешки во низа, Вардар со двата гола на Гоце Георгиевски  Дејан Манасков во петтата минута стигнаа до четири гола предност (1-5). Разликата од четири гола „црвено-црните“ ја задржаа до половина од првото полувреме по кое имаа водство од (4-8). Со голот на Куни Моралес на истекот на 23. минута „вардарци“ за првпат стигнаа и до плус пет (6-11). И покрај бројчаната предност која имаа „фармацевтите“ до крајот на првиот дел гостите стигнаа и до највисоките плус осум и на пауза заминаа со предност од 7-15.

Во второто полувреме искусните играчи на „црвено-црните“ во ниту еден момент не му дозволија на младиот тим на Алкалоид да се врати во натпреварот. Избраниците на Владо Недановски рутински го приведоа мечот за конечен триумф од 22-30. Филип Талески и Куни Моралес со по шест погодоци беа први имиња во таборот на победникот, додека кај поразените Марко Митев заврши со ист број голови.

Во вториот натпревар од програмата од 18 часот Еурофарм Пелистер 2 славеше со 25-21 против Голден Арт.

Се вчитува...