Алкалоид остана рамо до рамо со Вардар со перфектни 5/5 на стартот од суперлигашката сезона, откако тимот на Кире Лазаров многу потешко од очекувањата стигна до триумф над Тиквеш, изразен со минимални 31-30.
„Сино-белите“ имаа контрола над резултатот, водеа со 13-8 во првото, потоа и со 25-20 во второто полувреме, но гостите со борбена игра остана во мечот до самиот крај. По 30-27 следеа две технички грешки на ракометарите на Алкалоид, по кои кавадарчани успеаја да израмнат на 30-30. Никола Костески беше стрелец на победничкиот гол за Алкалоид, Тиквеш во последната минута имаше два обида да го совлада Галевски, но кавадарчани не беа прецизни и Алкалоид ја прослави петтата победа сезонава.
Митев и херојот Костески со по пет гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека прв стрелец на Тиквеш беше Бен Махфуд со седум.
Денешната суперлигашка програма беше заокружена со дуелот во Прилеп, каде домашната екипа не успеа да ја искористи поддршката од трибините за да стигне до триумф, на крајот едвај спасувајќи бод со реми од 29-29. Стружани имаа „плус два“ во финишот, но Прилеп со головите на Петар Марковски стигна до израмнување во овој драматичен дуел.
Марковски и Стојановски постигнаа по шест гола за Прилеп, исто толку во таборот на Струга постигна Костоски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
