Алкараз е од друга планета: Лесно го збриша Циципас, на ред е битка со Ѓоковиќ

Карлос Алкараз на најдобар можен начин покажа зошто е прв носител на Ролан Гарос откако шпанскиот тенисер со неверојатно издание го декласираше Стефанос Циципас со 3-0 во сетови. Првиот светски рекет делуваше незапирливо на теренот, а Циципас иако е петти носител на турнирот изгледаше како почетник, во ниту еден момент не успевајќи да му парира на Алкараз, камоли да се обиде да стигне до изненадување.

Циципас имаше почетно водство од 0-1 во првиот сет, за потоа Алкараз да влезе во серија, лесно да стигне до два брејка и да го добие сетот со 6-2. Тоа беше најава за уште поимпресивно издание на Шпанецот во продолжението, па така првиот носител го доби сетот број два со 6-1, а потоа импресивно го стартуваше и третиот сет, стигнувајќи до брзо водство од 3-0. Циципас на воодушевување на публиката во Париз успеа да стигне до гејм и да намали на 3-1, грчкиот тенисер потоа доби на самодоверба и успеа да се врати, спасувајќи три меч-топки на противникот пред да стигне до израмнување од 5-5 во третиот сет. На крајот од сетот се играше тајбрејк, а во него Алкараз ја искористи вкупно шестата меч-топка на дуелот, за конечни 7-5 во тајбрејкот и пласман во полуфиналето.

Следен противник на Алкараз ќе биде одличниот Новак Ѓоковиќ, полуфинален дуел од кој победникот се очекува да има улога на апсолутен фаворит во големото финале, без разлика кој ќе се најде на другата страна од мрежата.

Се вчитува...