Алкараз е шампион на Квинс, повторно го симна Ѓоковиќ од врвот на АТП-листата

Карлос Алкараз стигна до првата титула на турнир на трева откако шпанскиот ас славеше во Квинс, во финалето совладувајќи го Алекс де Минаур од Австралија со 2-0 во сетови. Она што е уште позначајно, Алкараз со оваа победа повторно ќе го мине Новак Ѓоковиќ како прворангиран тенисер на АТП-листата и ќе биде прв носител на претстојното издание на Вимблдон.

Шпанскиот тенисер одигра одличен меч во финалето, трпеливо чекајќи да му се укаже шанса и потоа максимално користејќи ги брејк-можностите. Тој го доби првиот сет со 6-4, oткако најпрвин спаси две брејк топки на противникот при 3-4, а потоа дојде до брејк при 4-4 и го освои сетот. Во вториот сет Алкараз го искористи слабиот моментум на Де Минаур при 2-2 (две двојни сервис грешки во истиот гејм), стигнувајќи до брејк и задржувајќи ја предноста до конените 6-4.

На турнирот во Хале, кој исто така се игра на трева, со трофејот се закити Русинот Бублик, кој во големото финале го совлада сонародникот Рубљов со 6-3, 3-6, 6-3.

Се вчитува...